Notice: Function _load_textdomain_just_in_time was called incorrectly. Translation loading for the updraftplus domain was triggered too early. This is usually an indicator for some code in the plugin or theme running too early. Translations should be loaded at the init action or later. Please see Debugging in WordPress for more information. (This message was added in version 6.7.0.) in /home/ckkfdrsh/public_html/wp-includes/functions.php on line 6114
Без оставки нема демократија – Forum for Reasonable Policies

Без оставки нема демократија

Последните трагични случувања со модуларната болница во Тетово и автобуската несреќа во Бугарија (а претходно слична таква и во Македонија) како да ја прелеаја чашата на трпение на граѓаните. Или сепак не? Здравиот разум на читателите и простите факти дека никој досега не понесе одговорност за овие трагедии упатуваат на тоа дека имаме да изодиме долг пат до посакуваното општество на отчетност и одговорност на политичките елити. По тој пат мораме да тргнеме бидејќи нема назад.

Овој текст е инспириран од едно пошироко истражување кое го прави Форумот за разумни политики и кое се однесува на сеопфатна анализа и препораки за тоа колку е важна политичката/моралната одговорност за виталноста на една демократија, во случајов македонската.
Немањето чувство за политичка одговорност не е некаква македонска измислица. Овој демократски институт е поврзан со политичкиот и демократскиот развој на една држава, политичката култура во едно општество, како и улогата на будното граѓанство наспроти (намерно) заспаните политички елити. Ние знаеме да кажеме дека демократија не се гради преку ноќ и дека потребно е време, знаење и свест таа да фати корен во едно општество. Но, ваквиот став понекогаш претставува совршено алиби за нечинење ништо.

Политичката одговорност, ете слободно да кажеме, е интегриран и неизоставен дел од „златниот стандард“ на либералната демократија. Одејќи подлабоко можеме да кажеме и дека оставката како политички чин (иако примарно личен чин, а тоа е важно!) задира во најфините атрибути на демократијата: имено, идејата за сменливост, идејата за постојана несовршеност и идејата за (бавен) прогрес.

Идеја за сменливост. Овој принцип е поврзан со тоа дека никој не е вечен, ни тој што ја дал оставката ни колективот (владата) доколку падне како резултат на некоја ситуација и дека секогаш нешто перципирано како лошо може да се промени со друго (иако не нужно подобро, ама сепак друго). Проблемот е кога другото ќе стане „едно те исто“. Тогаш се разнишува до разнебитување идејата за политичка одговорност. Зошто да си одам јас кога другите се полоши или барем еднакви на мене? Зошто да им отстапам ним нешто и тие од тоа нешто да го направат истото „ништо“ кое го правам јас? Зошто да си заминам од функција за нешто кое го направил некој друг? Оној под мене, подредениот, директорот, електричарот, возачот, инспекторот, цариникот итн.

Ваквиот начин на размислување и на дејствување го прави невозможен институтот на политичка одговорност. Тој или не постои, или е сосема девалвиран, или е камуфлиран зад некаков друг тип на притисок или манипулација (странците го притиснаа, поднесе, ама не му ја прифати оставката, петиции за повлекување на оставката итн.). Политичката одговорност подразбира личен кредибилитет, личен однос кон позицијата која ја имаш и личен однос кон себеси низ визурата на гласачите и останатите граѓани кои ги претставуваш, чиј граѓански слуга си (civil servant). Токму идејата за сменливост треба да биде водечки принцип за функционерите да работат подобро, поодговорно и притоа да бидат свесни дека во секој момент се менливи и минливи.

Идеја за постојана несовршеност. Идејата за постојана (вечна) несовршеност, пак, поаѓа од премисата дека во еден општествен систем, или политички систем во потесна смисла на зборот, раководењето со јавните политики е една долга приказна за несовршеноста на човекот и неговите способности. Владеењето е комплициран процес, особено во услови на постојана компликација на општествата, огромен број на служби, инспекторати и агенции кои потпаѓаат во одреден ресор и постојаните предизвици кои ги налага новото технолошко време. Супер контрола врз процесите не постои, колку и да се трудиме да го нормираме тоа. И бидејќи не постои супер контрола, ситуациите кои не можат да се контролираат (големи сообраќајни трагедии, потонување на бродови, пожари и бури, спорот со Бугарија, та дури и пораз на локални избори) и нивните катастрофални последици мораат некако да се канализираат низ политичкиот процес. И тие се канализираат низ оставки и повлекување од јавна функција. Со тоа покажуваме дека никој не е совршен и дека никој не ни може да биде совршен, но истовремено и дека таа несовршеност секој треба да биде подготвен да си ја плати. Идејата за несовршеност е основа на идејата на сменливост, како што и демократијата е најдобриот од сите несовршени системи на владеење.

Идеја за бавен прогрес. Третата идеја, онаа за бавен прогрес, е веројатно најважниот и најпозитивниот аспект на политичката одговорност. А тоа е дека таа повлекува (претставува тригер) или мора да повлекува ако сака да биде комплетна една лавина на институционални реакции кои мораат темелно и детално да го адресираат проблемот кој довел до оставката. Во овој контекст, оставката е само врвот на сантата мраз, копчето за аларм што повикува на акција. Инспекции, царини, контролни системи, кривични импликации за директно одговорните според закон и за директно корумпираните лица (за да не им текне никогаш повеќе!)… со еден збор, една општа мобилизација на сите за да не се случи такво нешто повторно. Тука се работи за еден широк опфат на нормирање на одредена сфера (на пример: јавен превоз на патници) со цел да се воспостават јасни процедури и стандард за да се избегнат сите вакви идни потенцијални ситуации. Врз основа на претходните (главно негативни) искуства треба да се изградат институциите и процедурите, еден вид на „градење низ криза“. Тој бавен прогрес е најтемелниот прогрес, иако често се чини дека скапо нè чини.

***

Секојдневните ситуации и предизвици со кои се соочуваат носителите на јавни функции оставаат простор за растегливо толкување на политичката одговорност. Имено, таа секогаш доаѓа пребрзо, неочекувано, непосакувано. Затоа добрите искуства од развиените либерални демократии нè учат како да одговориме на прашањата кога, како и зошто треба да се поднесе оставка.

Кога? Ова е деликатно прашање бидејќи подига разни дилеми. Зошто објективно добар министер би поднел оставка доколку не е директно виновен за некој настан/несреќа од неговиот ресор? Зошто граѓаните би се лишиле од неговите услуги како граѓански слуга ако некој таму директор не бил одговорен или направил грешка? Всушност, ова се лажни дилеми. Одговорот кога да се поднесе оставка е едноставен: веднаш, без размислување! Секое одолговлекување претставува купување време и разводнување на примарната цел на оставката, имено да се воспостави стандард за во иднина и да се реши прашањето/проблемот на долгорочен начин.

Како? На начин што ќе доведе до прогрес во областа која треба да се регулира. Процесот на оставката и нејзиното ефектуирање мора да биде во корелација со подготовка за справување со проблемот во иднина. Во спротивно, оставката ќе биде само коска која ќе биде фрлена за глодање од страна на секогаш гладната јавност, но карванот на неодговорноста ќе продолжи да си врви. Оставката мора да биде придружена со јасен план за решавање на симптомот на проблемот, план кој ќе има почеток и крај, каде што во меѓувреме може да паднат и други оставки, разрешувања или кривичен прогон по целата „командна линија“. Тој план треба има свој завршеток со кој на јавноста ќе ѝ биде соопштено дека причините за конкретната ситуација/проблем се детектирани и адресирани и дека се очекува во иднина да не се случат вакви ситуации.

Зошто? Затоа што само така ќе може да се остават „камчиња“ на патот кои ќе бидат пример за останатите не само како не треба да прават, туку повеќе како треба да прават! Оставката е чин кој треба да нè научи, да нè подобри, да воспостави стандарди. Конечно, оставката нуди лесен излез со „чист образ“ на конкретниот функционер и реално овозможува простор за враќање на јавна функција во иднина, понекогаш и на голема врата.

Споделете ја оваа објава:

Неодамнешни објави

Новости

Спуштање на температурата!
Сè што отсекогаш сте сакале да знаете за парламентот (Но, сте се плашеле да прашате)

На 28 и 29 септември 2024 година на Попова Кула, дванаесет пратеници во нивниот прв мандат учестуваа на интензивен дводневен настан на кои се рагзговараше

Прочитај повеќе
Новости

Одржана тркалезна маса „Густа плетка: кон вмрежување на образованието, науката и економија базирана на иновации“

Во понеделник, 23 септември 2024 година, се одржа тркалезна маса во Europe House во Скопје, на која се собраа претставници од јавните институции, бизнис секторот

Прочитај повеќе