За контекстот
Форум за разумни политики во соработка со Институтот за општествени и хуманистички науки во август 2023-та години поднесе предлог – иницијатива за годишната Програма за работа на Владата на Република Северна Македонија за 2024 година со наслов: Предлог за измени и дополнувања на Законот за високо образование. Целта на иницијативата со предложените измени е законот за високо образование да биде во согласност со Болоњскиот процес и Европската истражувачка област, поточно усогласување со ЕНИК/Нарик и Еразмус/EHEA водичот околу признавањето и еквиваленцијата на странски високообразовни квалификации.
Со оглед на тоа дека од кога е поднесена предлог – иницијативата не е добиен никаков повратен одговор за статусот на истата, нејзиното разгледување и евентуални понатамошни консултации, неизоставно се пројави потребата од поактивно застапување.
За проектот
Во рамките на проектот „Застапување за инклузивен развој“ финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас, трите партнерски организации Форум за разумни политики, Институтот за општествени и хуманистички и науки и Балкански институт за регионална соработка (БИРС) целат кон подигнување на свеста на стручната и пошироката јавност за доследна примена на Болоњскиот процес, особено за неговата темелна вредност-мобилност преку измени во законот за Високо образование. Главната цел на проектот е да придонесе кон подобро и поквалитетно високо образование, длабоко интегрирано во економските текови во државата и надвор, во кое истражувањето и науката ќе се преточуваат во реалниот сектор и ќе бидат неизоставен дел од градењето на јавните политики во државата во кое младите успешни студенти ќе наоѓаат добро и сигурно академско-економско прибежиште, а со тоа и да се намали одливот на мозоци.
Главните активности предвидуваат изработка на: анализа на политики, студија на законодавството со предлози за промени на политики и препораки за реформи, акциски план за интерсекторско застапување во образованието, предлог амандмански решенија на Законот за високо образование. Сите активности на конзорциумот тековно се ажурираат на веб страницата https://cluster3edu.org/
Проектот се реализира од 01.12.2023 до 30.09.2026
Досегашни чекори кои водат кон постигнување на нашата цел:
- Тематски форум
На 27-ми март, 2024 во Скопје се одржа тематскиот форум „Густа плетка: за потребата од вмрежување на образованието, науката и економија базирана на иновации“ во организација на Форум за разумни политики, во соработка со партнерските организации Институтот за општествени и хуманистички науки и Балканскиот институт за регионална соработка, во рамките на проектот„Застапување за инклузивен развој“, поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас.
Целта на форумот беше да се подигне јавната свест за подобро и поквалитетно високо образование, длабоко интегрирано во економските текови во државата и надвор, во кое истражувањето и науката ќе се преточуваат во и ќе бидат неизоставен дел од градењето на јавните политики во државата, и во кое младите успешни студенти ќе наоѓаат добро и сигурно академско-економско прибежиште, а со тоа и да се намали одливот на мозоци.
На форумот присуствуваа претставници на релевантните институции, академската, претприемчката и граѓанската заедница со кои се дискутираше за досегашните заложби на темата за поквалитетно високо образование и следните чекори кои ќе водат кон создавање соодветна клима за поефикасно застапување.
„Постојат прилично бирократски заврзлами, и тие не се нерешливи, напротив! Планираме да дискутираме и да се информираме интерсекторски. Добронамерни сме, и ќе останеме такви, но ќе се обидеме преку мирната вода да го рониме брегот. Така, планираме веднаш да алармираме кај новата влада и да укажеме дека некои работи може брзо да се направат, потоа важно да ги охрабриме и мотивираме добрите луѓе во државната администрација.“ -Гордан Георгиев од Форум за разумни политики
„За да ја зголемиме атрактивноста за студирање кај нас, треба државата да им обезбеди сместување, стипендии и поквалитетни програми на студентите, но и програми на англиски јазик особено на додипломските студии. Од друга страна, компаниите треба да се поодговорни кога земаат студенти на пракса и важно е да ги вклучат во процесот со цел да ги научат потребните вештини.“ – Ана Шоповска делегат од Универзитетското собрание
Александар Богојевски од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност зборуваше за важноста за соработка на ниво на Западен Балкан: заеднички фондови, поддршка во истражувачките проекти, автоматско признавање на дипломите и стекнатите кредити.
„Креирањето на студиската програма треба да се прави во соработка со претприемачката заедница и сите имаме голема одговорност во тој процес“ – Професор Кирил Барбареев од Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип
Заклучокот од форумот беше дека потребни се континуиарани заеднички заложби за да се подигне свеста за темелните вредности како право на студирање, право на работа и право на добра администрација.
Фотографии од форумот тука.
- Изработка и публикување на две анализи
- „Густа плетка: за потребата од вмрежување на образованието, науката и економијата базирана на знаење“ -анализа на политики, Форум за разумни политики, објавена во април, 2024
- Кус документ за идејата на акцијата „Застапување за инклузивен развој“ или зошто е важно граѓанското општество, пошироката јавност и институциите да се посветат на доследната примена на Болоњскиот процес. Овој документ го изработија експерти од ИОХН Скопје.