Продолжувајќи ја својата досегашна работа со политичките партии во земјата и во регионот на Западен Балкан, со посебен акцент на младите политичари, Форум за разумни политики активно создава можности за младите политичари и идни лидери да ја научат важноста на политичката одговорност и одговорното однесување, вредноста на компромисот и потребата за поставување демократски и етички стандарди во јавната сфера.
Во еден специфичен контекст пред, за време и по парламентарните и претседателските избори во 2024 година се спроведуваа неколку активности насочени кон горливите прашања во македонското општество: распространетата култура на корупција (морална корупција и сите други коруптивни практики), политичката (не)одговорност, неодговорното однесување од политичарите и нискиот степен на доверба кај граѓаните во однос на политичкиот процеси.
Во оваа насока, Форум за разумни политики го развива и Индексот на политички интегритет (ИПИ) како аналитичка алатка со цел да придонесе кон подобро разбирање, поттикнување и промовирање на интегритетот во политичкиот и јавниот живот. Преку анализа на конкретни случаи од висок јавен интерес, Индексот на политички интегритет овозможува рано препознавање на ризици, отвора релевантни јавни прашања и охрабрува соодветно институционално постапување.
Индексот не е замислен како механизам за осуда или рангирање, туку како алатка за учење и превенција. Неговата цел е да понуди јасни аналитички наоди и препораки до јавните актери, како и да ги информира граѓаните за стандардите на политички интегритет и одговорно владеење. Долгорочно, целта е индексот да стане алатка која ќе ја користат граѓаните, медиумите и политичките партии за надзор, анализа и унапредување на политичката култура и интегритетот во државата.
Индекс на политички интегритет (листа на случаи)
Случај #1 В.Д. претседателка на Основен кривичен суд – Скопје, Даниела Димовска
